Одделенија

Одделение за орнитологија

Орнитофауната во нашата држава е проучувана од ограничен број орнитолози, индивидуално и во различни временски периоди. Најважните центри на диверзитет на птиците се трите природни езера за водни птици, клисурите на реките за грабливи птици и планинските масиви за бореалниот и аркто-алпскиот комплекс на видови.

Одделението за орнитологија се занимава со проучување на птиците, нивната географска распространетост, морфолошки карактеристики, улогата во екосистемите, нивната еволуција и други аспекти.

Според досегашните истражувања, во нашата држава се регистрирани околу 335 видови птици, што претставува 64% од вкупниот број видови во Европа.

Во музејот се чува релативно голема збирка на птици, со 1.989 примероци од 262 вида, колекционирани од:

  • Д-р Станко Караман (1925–1953, најмалку 424 примероци)
  • Киро Богоевски (1937–1980, најмалку 649 примероци)
  • Д-р Ристо Групче (95 примероци)
  • Д-р Светозар Петковски (74 примероци)
  • Македон Петличаров (18 примероци)
  • Ѓорѓија Ѓорѓиевски (26 примероци)
  • Тодор Ивановски (159 примероци)

Дополнително, постои и помал број примероци на птици донирани од индивидуални лица.

Во постојаната музејска изложба се прикажани 253 вида птици, со над 459 препарирани примероци, прикажани по системска припадност и во нивните природни живеалишта.

e-mail за контакт: contact@musmacscinat.mk